Даниел Рикардо со Ред Бул ја освои пол позицијата за утрешната трка за Големата награда на Монако во Формула 1.
Австралиецот беше незадржлив во денешните квалификации, откако го подобри рекордот на патеката со 1:10.810 и беше единствениот кој извозе круг под една минута и 11 секунди.
Себастијан Фетел со Ферари како втор со заостанување од нешто повеќе од две десетинки, исто така ќе стартува од првиот ред. Трет беше Луис Хамилтон со Мерцедес, а до него ќе стартува Кими Раиконен со вториот болид на „скудерија“.
По Хамилтон и Раиконен, од третиот ред ќе стартуваат Валтери Ботас со Мерцедес и Естебан Окон со Форс Индија. По нив останаа Фернандо Алонсо со Мекларен, Карлос Сајнц со Рено, Серхио Перез со Форс Индија и Пјер Гасли со Торо Росо.
Уште претходно се знаеше дека Макс Верстапен нема да може да учествува во квалификациите, бидејќи го оштети менувачот по несреќата во третата слободна тренинг сесија, што значи дека утре ќе стартува последен.