Шефот на албанската држава Илир Мета денеска во Тирана даде поддршка за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција околу името.
Мета денеска во Тирана имал средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на која албанскиот претседател дал поддршка за пронаоѓање конечно решение за спорот.
Според албанскиот претседател решавањето на спорот со Грција, ќе го забрза интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО.
- Денеска на срдечна средба го пречекав лидерот на ДУИ, г. Али Ахмети. Одлучните и неуморни напори на ДУИ и на албанскиот политички фактор за конечно решение на спорот меѓу Македонија и Грција заслужуваат максимална поддршка, затоа што го забрзуваат членството на Македонија во ЕУ и заслуженото место во НАТО, објави Мета на Фејсбук.
На Утринската молитва во Тирана учествуваа претставници од 15 земји од Европа, меѓу кои и претседателот на Собранието Талат Џафери.
- Средбите на Утринските молитви се инспиративна традиција која ги пренесува вредностите на вера, мир и љубов, и токму тоа се суштинските вредности кои се потребни на човештвото за успешно да се справи со глобалните предизвици на 21. век, порача претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на Првата сесија на 15-тата Средба на Југоисточна Европа што се одржува во Тирана, Албанија.