И утре да бидат, ние сме подготвени за избори, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „Алфаскоп“ на Алфа ТВ. Николоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ го прави митингот веднаш откако оваа влада ќе одбележи една година од владеењето.

Тој посочи дека јасно се гледа неспособноста на оваа власт и затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изнесе сите критики кои ги има кон владата и ќе понуди решение за тоа каде треба да се движи Македонија.

-Ние митингот го правиме на една година од изгласувањето на Владата на Заев. Владата беше изгласана на 1 јуни, ние го правиме ден потоа. На тој митинг јасно ќе ги кажеме сите критики во однос на работењето на владата но и ќе дадеме наша понуда каде мислиме дека Македонија треба да се движи, како ќе се направи тоа и кој ќе го налрави тоа. После тоа стартуваме со една силна активност цело лето низ цела држава каде што ќе се обидеме да ја кренеме Македонија на нозе и се надеваме дека тоа ќе не води кон победа на следните парламентарни избори кои би се случиле во оној момент кога владата ќе престане да бега од истите, рече Николоски.

Потпретседателот Николоски потсети дека СДСМ изгуби на изборите, но успеја да направи влада коалицирајќи со албанските партии. Ветувањата кои им ги даде СДСМ на албанците беше дека Македонија ќе оди во ЕУ и НАТО. Николоски рече дека доколку тоа не се случи, ќе треба да има нови предвремени и парламентарни избори на кои ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и како во инатото, така и сега ќе ги реши проблемите на граѓаните.

-Јас лично се надевам дека ќе добиме датум за почеток на преговори и Македонија ќе ги почне преговорите затоа што тоа е во интерес на Македонија, е моја лична желба и е желба на сите граѓани на Македониј, да одат напред, да живеат подобро. Но тука застануваат желбите. Реалноста е дека веројатно тоа нема да се случи, дури и ако се реши спорот со името по што не само овие министри што јас завчера ги споменав да си поднесат оставка, туку ќе треба цела владата да поднесе оставка, затоа што оваа влада дојде на едно прашање. Да ве потсетам, СДСМ ги изгуби изборите. СДСМ успеа да направи влада ветувајќи им на албанските коалициони партнери, интеграција во НАТО и во ЕУ. Доколку тоа не се случи. Паѓа единствената причина а погазување на правилото победник со победник и паѓање на единствената причина зошто се изигнорира волјата на македонскиот народ што значи дека после тоа треба да одиме на брзи предвремени избори на кои што се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие довербата од граѓаните да ја води државата. Колку порано се случи тоа, толку подобро затоа што побргу ќе можеме да ги решиме напластените проблеми. Колку повеќе време ги создаваат проблемите, толку повеќе време ќе ни треба да ги решиме а ќе ги решиме, затоа што тоа сме го докажале во минатото дека знаеме да решаваме а и сега имаме добар, подмладен тим од стручни експерти кои што може да се фати во костец со прблемите и пред се чесни и искрени во работата, нагласи Николоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2018 16:07