Британскиот велосипедист Крис Фрум од клубот Скај истакна дека неговата титула на Џиро Д`Италија е сосема заслужена и не постои причина за било каков сомнеж.
Фрум стана првиот Британец кој ја освоил трката околу Италија, а воедно ги комплетираше сите три трофеи од големите велосипедски трки, откако минатата сезона триумфираше на Тур Д’Франс и Ла Вуелта.
- Останав фокусиран на она што требаше да го направам. Кога еднаш ќе се насочам кон одредено нешто, јас тоа го остварувам. Секако следен предизвик е Тур Д’Франс. Оваа сезона има една седмица повеќе меѓу Џирото и Тур Д’Франс. Навистина верувам дека можам да победам и во Франција, истакна британскиот велосипедист.
Сепак, постои можност во следните неколку седмици да му биде одземена титулата доколку во антидопинг случајот биде пресудено против него.
- Не смее да се постави сомнеж за валидноста на оваа победа. Ме тестираа секој ден пред и по трката. Знам дека не сум направил ништо лошо и дека е само прашање на време кога тоа ќе им стане јасно на сите, нагласи Фрум.
Светската антидопинг агенција веќе неколку месеци нема изградено став дали британскиот велосипедист ги прекршил правилата кога на една етапа од минатогодишната Вуелта му беше откриено повисоко ниво на салбутамол од дозволеното.
Иако салбутамол не се наоѓа на листата со забранети супстанции, сепак Фрум имал двојно повисоко ниво од она, кое го пропишува Светската антидопинг агенција.
Британскиот велосипедист негираше дека ги прекршил правилата, но призна дека ја зголемил дозата со салбутамол по препорака на неговиот лекар поради проблемите со астмата.