Во рамки на АД МЕПСО треба да биде организирана посебна единица, во чиј состав ќе може да функционира организираниот пазар на електрична енергија. Првите резултати од оваа мерка можно е да бидат видливи за околу шест месеци.

Ова го посочи денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев на завршната работилница за Техничката поддршка на Република Македонија за институционална поставеност на организираниот „ден однапред“ пазар за електрична енергија.

На денешната завршна работилница беше презентиран извештај за техничката поддршка на земјава за воспоставување на „ден онапред“ пазар.

Со новиот закон за енергетика, кој неодамне беше усвоен предвидено е МЕПСО да биде основач на компанијата, која покрај администрирањето со билатералниот пазар на електрична енергија и откупот и продажбата на енергија од производителите, кои имаат повластена тарифа, ќе има овластување да го организира, управува и поврзува пазарот на електрична енергија за тргување „ден однапред“ и во „рамки на денот“ во РМ, при тоа овозможувајќи фер и транспарентен пристап на сите учесници.

Анѓушев нагласи дека за таа цел е потребно да се организира посебен софтвер, но додаде дека снабдувањето не е само техничка операција, туку и финансиска и затоа за целиот процес е важно кој ќе го извршува клирингот, односно ќе гарантира за плаќањето и наплаќањето на истргуваната електрична енергија.

МЕПСО со поддршка на на Секретаријатот на енргетската заедница се вклучи во два проекта, што овозможуваат техничка поддршка на РМ за воспоставување на организиран пазар на електрична енергија и поврзување со соседните врз основа на Европскиот целен модел.

Воспоставување централизирано место на кое учесниците на пазарот ќе можат да продаваат и да набавуваат електрична енергија блиску до реалното време е предизвик за нашето работење, изјави директорот на ОПЕЕ на МЕПСО, Симон Шутиновски.

- Пазарот во Македонија е можеби мал, но е многу добро поврзан со соседните со помош на интерконекциски врски на АД МЕПСО. Нашиот енергетски систем е поврзан со 400 кВ на ниво со Бугарија, Грција, Косово и Србија, додека интерконекциската врска со Албанија ќе следува во наредниот период, додаде Шутиновски.

Директорот на МЕПСО Сашо Василевски потенцира дека организираниот и технички поддржан пазар е мошне важен за финансиската сигурност на трговците, производителите, снабдувачите и потрошувачите.

- Транспаретноста околу цените, конкуретноста на понудувачите и уште сет други карактеристи што го формираат финалниот производ се таа неопходна иницијација, која неминовно води во нови вложувања во енергетиката, што е најзначајно за сите земји во регионот, додаде тој.

Симон Узунов од Секретаријатот на енергетската заедница додаде дека пазарот на „ден однапред“ тргување ги отвора вратите за мултилатерални тргувања за што е потребна нова технологија.

Организираниот пазар на електрична енергија нуди еднакви услови за сите учесници на пазарот и воедно и транспаретност во формирање на цените на струјата. Притоа имајќи улога на централно договорна страна нуди финансиска безбедност за трговците, снабдувачите, производителите и потрошувачите, гарантирајќи дека субјектот што извршил продавање сигурно ќе добие финансиски средства, а субјектот што извршил купување сигурно ќе добие електрична енергија.

Работилницата е дел од заложбите на регионот на Западен Балкан за интеграција на пазарите на електрична енергија во рамки на Единствениот пазар за електрична енергија.

Самото воспоставување на организиран пазар, претставува прва фаза и воедно предуслов за регионално поврзување на пазарите на електрична енергија, што е предмет и на потпишаниот Меморандум меѓу Македонија и Бугарија, на маргинтие на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

Според Меморандумот за разбирање на земјите од Западен Балкан 6 за развој на регионалните пазари на електрична енергија и воспоставување на рамка за соработка со други земји, потпишан во Виена 2016 меѓудругото земјите се согласиле да постават стратешки цели за анализа, проектирање и спроведување на интеграција меѓу ден однапред пазарите на електрична енергија од Западен Балкан, вклучително и изборот на соодветен дизајн на национално организиран пазар на електрична енергија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2018 14:39