Со доаѓањето на власт на СДСМ јавниот долг е зголемен за 0,7%. Додека бевте опозиција кажувавте дека нема да има задолжувања, нема да има зголемување на јавниот долг, меѓутоа само за 3 месеци долгот е зголемен за 600 милиони евра, нема економски активности, трошоците за живот се зголемени за 1,9%, потрошувачката кошница е 32.000, а просечната плата е 24.000, значи едно семејство за да го помине месецот мора да земе кредит, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања до Владата.

Кузмановска истакна дека никаде не може да се видат нови инвеститори, нема раст на економијата, нема повисока плата, расте спиралата на зголемување на трошоците за живот и притоа додаде дека и ветувањето за 500 евра просечна плата до крајот на наредната година е неостварливо.

– Растот на економијата ви е 0% и со тоа ја завршивме годината. Во 2013 година имаше 2,9% на БДП, 2014 имаше 3,6%, во 2015 беше 4% растот на БДП. Имате енормни задолжувања кои влијаат на зголемувањето на јавниот долг, рече Кузмановска.

Во врска со повратокот на ДДВ кој го ветуваше СДСМ, таа посочи дека во Република Македонија има 500.000 домаќинства и за да има повраток на ДДВ, владата во Фискалната стратегија на Министерството за финансии требало да предвиди 250 милиони евра за тоа, но тоа го немаат предвидено.

– Никаде не постојат и тоа е една го големите лаги. Не постои поврат на ДДВ, не постои зголемување на просечна плата, не постои намалување на стапката на невработеност, тоа е лагата, а не приказните што ги кажувавте како премиер пред граѓаните на Република Македонија. Вашата лага си ја верификувавте во Фискалната Стратегија, потенцираше Кузмановска.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2018 16:56