Поврзувањето е клучно за водењето бизнис, а ваквите средби се одлична можност за склопување на познанства кои понатаму можат да прераснат во деловна соработка, порача вечерва во Скопје министерот за финасии Драган Тевдовски на бизнис приемот организиран од Фондацијата Фридрих Еберт, Министерството за финасии и Град Скопје.

На приемот, на кој присуствуваа и германскиот пратеник Метин Хакверди, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, Тевдовски посочи дека Германија е еден од најголемите донатори во Македонија и нагласи дека благодарание на заемите и донациите што ни ги има дадено реализирани се голем број проекти за подобрување на условите за живот на граѓаните.

- Владата посветено работи на приклучувањето на Македонија кон ЕУ. Работиме на реформскито процес, имаме стратегија и план за реализација, а за само една година имаме и конкретни резултати и крупни промени, рече Тевдовски.

Посочи дека Македонија од аспект на јавните финасии е лидер во реформите од сите земји аспиранти за членство и додаде дека тоа беше констатирано и на Економско-финасискиот дијалог помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција што минатата недела се одржа во Брисел. Вети дека Владата и во иднина ќе продолжи да спроведува низа реформи за унапредување на системот на јавни финасии.

- Странските директни инвестиции од Германија во Македонија последнава декада се околу 250 милиони евра, но потенцијалот за соработка е многу поголем, бидејќи Македонија има добра бизнис клима и квалификувана работна сила, рече Тевдовски и нагласи дека лани трговската размена меѓу двете земји пораснала за 13 отсто, а извозот на македонски производи во Германија за 15 отсто.

Директорката на Фондацијата Фридрих Еберт - Скопје, Ева Елерајт посочи дека изминантата година беше многу битна за Македонија и поскака на новата влада среќа во натамошната работа и успеси на сите полиња.

- Вие сте на добар пат за прием во ЕУ. На тој пат се соочуваме со прашањата за еднакво општество за сите, за вклученост, за подобро образование,... Токму создавањето еднакви услови за сите е најбитно за младите генреации на вашата земја, рече Елерајт.

Градоначалникот Шилегов посочи дека ваквите бизнис приеми се од исклучително значење за развојот на бизнис заедницата, како на локално, така и на национално ниво.

- Скопје и воопшто Македонија ја чуствуваат потербата од развивање на производствените капацитети, подобрување на деловните вештини и познавања, како и зголемување на соработката на домашните компании со партнери од други земји, рече Шилегов и додаде дека Германија нуди широк спектар на можности за соработка која води кон унапредување на бизнисите и подобрување на бизнис климата во земјава.

Тој се заблагодари за заложбите на Фондацијата Фридрих Еберт за поддршката на трансформацијата на државата во областите на граѓанско учество и активизам, социјален дијалог, пристапувањето кон ЕУ и регионалната соработка во Западен Балкан, а особено за изработката на Стратегијата за култура на Град Скопје.

Вицепремиерката Шекеринска посочи дека промените што се постигнаа во последната година во Македонија само пред неколку години изгледаа воопшто невозможни.

- Поминавме критичен период. Зад нас се 12 месеци успех во реализацијата на тешки реформи, а тоа не констатирано само од мене, туку и во извештаите од Европската комисија, Фридам хаус, како и од граѓаните и институциите во Македонија. Имаме уште долг пат да го изодиме и поддршка од земјите-членки и Европската комисија да продолжиме со реформите и да ги направиме повидливи, рече Шекеринска и се заблагодари за континуираната германска помош.

Нагласи дека воопшто не е лесно приближувањето на земајва кон членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, а тоа, како што кажа, се покажа со Договорот со Бугарија и преговорите со Грција.

- Ние веруваме дека тоа е неопходно за регионот и дека членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ ќе биде добро и за бизнис заедницата, како за домашните, така и за странските инвеститори кои ќе профитираат најмногу од тоа што ќе имаме стабилна земја и стабилно политичко и правно опкружување, рече Шекеринска и додаде дека пред неколку години Македонија речиси и да немаше поддржувачи.

Германскиот пратеник Хакверди посочи дека доаѓа од Хамбург, град каде просечната плата е околу 4.200 евра и единствена грижа на градот е како да изгради доволно станови за работниците, но и таму, како што кажа, голем дел од популацијата вели дека нема демократија, нема отворено општество, велат не за ЕУ, а особено не за проширување на Унијата.

- Мислам дека вашите предизвици ќе бидат уште потешки отколку што мислев пред две години, бидејќи покрај транзицијата што треба да ја помине секоја земја за да стане членка на Унијата ќе морате да се соочите и со отпорите за проширување, рече Хакверди.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/06/2018 05:26