Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше работата на Владата предводена од премиерот Заев во изминатата година посочувајќи дека очекувањата на граѓаните биле изневерени и дека нивното достоинство било урнато.

-Вистинската реалност, а не онаа разубавената, вештачката на Зоран Заев е следна: „Помина една година на разочарувања, изневерени очекувања и уривање на достоинството. Година пропуштена во нашите животи, година на неработа, создавање на поделби и хаос. Година на политички терор, апсења, упади, тортура. Година на економски неуспеси, на создавање трулеж во општеството. Година на изневерени очекувања и лажни ветувања. Година во која народот се соочува со вистината дека ветуваа се и сешто, а не исполнија ништо. Ниту земјоделците ги имаат субвенциите, ниту докторите повисоки плати, ниту пак пензионерите повисоки пензии. Здравството ни е руинирано, болниците пропаѓаат, луѓето чекаат по ходници, цената за сето тоа ја плаќаат со најскапото нешто, со своите животи. Образованието ни е во слободен пад, универзитетите се на крајот на листата за квалитет во светски рамки, студентите, младите се разочарани. Младите си заминуваат пред нашите очи, тоа значи дека Македонија се распрснува ширум белиот свет. Замира животот во македонските градови и села. А тоа е така затоа што граѓаните ја изгубија вербата. Владата ги разочара младите. Ја уништува таа полетна енергија на животот. Ветуваа 5 отсто раст, а има нула. Градежништвото тоне, се гради 45 отсто помалку. Се фалат со повеќе пари во буџетот, а не кажуваат дека парите се оние собрани од арачот на народот, вашите пари од зголемената акциза за нафтата и дизел горивата. Имаме ситуација во која министерот за внатрешни работи апси само кога има политички мотивирани случаи, а има нула акции за криминалци. Патриотите во затвор, криминалците на слобода.“ Ова е за жал реалноста во нашата држава, посочи Мицкоски.

Според него, овие бројки не се само обични бројки, туку станува збор за луѓе и семејства.

– Зоран Заев заборави една работа, дека животот нема реприза. И нема втора шанса за времето кое изминува и годините кои се губат. Го гледам како онака поднасмеан со лажната скромност што ја глуми, раскажува како подобро се живеело и како почнало се да се подобрува. Па уште гласно вика, не шупоти, дека донел, замислете, 16 нови инвестиции во Македонија. Да ве да ве прашам, дали вие сте го виделе да донесе една инвестиција? Не 16, една инвестиција?! Јас не сум го видел, а вака мислам дека сум информиран и дека пратам доволно. Да ве прашам, дали вие, вашите сограѓани, вашите роднини, пријатели, дали живеете подобро? Дали мислите дека како тргнало ќе живеете подобро? Јас ќе дадам одговор, нема тоа да се случи. Затоа да застанат додека не е предоцна. Да ги застанеме додека не е предоцна, рече Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/06/2018 22:16