Скопје, 10 јуни 2018

ДОМ го поддржува досегашниот пристап на градоначалникот на Кисела Вода, кој бара начини како да се справи со наследените проблематични состојби во урбанистичкото планирање во општината. Го охрабруваме да не потпишува одобрение за изградба на нова зграда во слепата уличка во Пржино, улицата „679“, зашто нема ни теоретски услови за обезбедување нормално живеење ни за жителите од соседството, ни за планираните нови жители!

Ова е јасно барање и на семејствата од Пржино, кои се засегнати од реализацијата на предвидените содржини. Имено, со потписи на „стручни“ лица од општината и од Министерството за транспорт и врски, една градежна парцела е поделена на четири и е одобрена зграда и колективно домување, наместо индивидуално. Тоа значи многукратно зголемување на бројот на жители и коли во слепото уличе, во кое нема ни соодветен пристапен пат, ни паркиралиште, ни атмосферска, ни фекална канализација!

Нема дилема дека не постојат ни физички услови за реализација на предвидените содржини од ДУП-от за градска четврт Ј20 Блок 01 во Пржино. Неопходна е негова ревизија, во склад со стандардите за хумано и квалитетно живеење утврдени со ГУП-от на Градот Скопје.

Советничката од ДОМ во Општина Кисела Вода, Христина Оџаклиеска, на минатата седница постави советничко прашање до службите во општинската администрација да се објасни начинот на кој општината планира да се справи со овој проблем, кој очигледно е на штета на јавниот интерес.

А за нас и за јавноста се поставува прашањето: Кој одобрил зграда во слепата уличка во Пржино? Кои се тие „СТРУЧНИ“ лица од општината и од Министерството за транспорт и врски, кои потпишувале во овој и во безброј слични случаи НЕСТРУЧНИ документи и овозможувале профит за некого и за себеси? И не е важно дали по нечиј налог или по сопствена инспирација.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2018 15:52