Колумна на Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ за Независен
По големиот собир, популарно наречен митинг на ВМРО-ДПМНЕ се напишаа и кажаа доста анализи, но сакам да го дадам моето видување од еден друг агол. Митингот е во исто време финале на еден процес и почеток на нов. Финале на процесот на преструктурирање на ВМРО-ДПМНЕ и почеток на процес на силна битка и критика кон власта што треба да доведе до нејзина промена на следните предвремени или редовни парламентарни избори. Велам, предвремени или редовни затоа што власта на Заев веднаш по митингот побрза да одговори дека не е подготвена да го прифати предизвикот за предвремени парламентарни избори заедно со првиот круг на претседателските под исти услови какви што тие имаа во 2016 година.
Тоа е првиот голем резултат на тој митинг - СДСМ и Заев јасно покажуваат дека тоа што јавно го критикувале во минатото сега го имаат усовршено и зголемено десетици пати. Без контрола на полицијата, буџетот, администрацијата, земјоделците и разните социјални категории не сакаат на избори. Зашто јасно е барањето на ВМРО-ДПМНЕ, како што СДСМ според т.н. Пржински договор имаше министри за внатрешни и труд и социјална политика и заменици со право на вето во финансии, земјоделство и администрација, така и ние сега го бараме истото за да имаме минимум гаранција дека ќе добиеме фер избори. Некој ќе рече, тоа беше во услови на криза и беа потребни гаранции за тогашната опозиција. Јас би рекол да, но истите гаранции се потребни и сега, затоа што ако ги видиме клучните области, она што Заев го прави сега во смисла на злоупотреби, е најмалку десет пати поголемо од тоа што го критикуваше како опозиционер. Во судството ужива во непринципиелниот брак во кој тој пишува, а судовите објавуваат пресуди. Патем тоа се истите судии за кои имаше критики и за кои велеше дека ќе има генерален реизбор, на кој заборави првиот ден кога тоа судство и обвинителство беа подготвени да се направат слепи при очи, односно да не го видат тоа што цела јавност го виде како бара мито за себе и за брат му Вицето.
Понатаму, како да има доверба во систем во кој името на братот на премиерот станува синоним за корупција и злоупотреба на власт и моќ. Како да има доверба кога сите медиуми кои не се блиски на власта почесто имаат контрола од УЈП и разни други инспекции, отколку што имаат гости на разни општествени теми за кои треба да известуваат. Како да има доверба кога полицијата апси без налог, без да се симне имунитет на пратеници, а судството и обвинителството уживајќи во истиот непринципиелен брак оневозможуваат основни права на жени или не даваат на болни да се лечат. Тоа е вистината за Македонија и за нападот врз ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е начинот на кој власта и Заев сакаат да владеат. Затоа не се подготвени за предвремени избори со гарантирани фер услови за ВМРО-ДПМНЕ и затоа мандатот ќе го цедат до последен ден за да искористат од власта колку што може да се искористи. Но, тогаш казната од народот ќе биде уште поголема. Зашто да сме јасни, ваква опозиција под ваков притисок ниту имало ниту ќе има во Македонија. На сето тоа, за жал, изостанува реакцијата и од нашите пријатели од меѓународната заедница кои иако сè гледаат и сè знаат, во надеж дека ќе се реши прашањето за името со Грција, се подготвени да му прогледаат низ прсти на Заев.
Има уште два момента кои оставија силен впечаток на митингот на ВМРО-ДПМНЕ кои вреди да се изанализираат. Иако дојдоа многу луѓе од сите краишта на Македонија и од сите возрасни категории, сепак разликата ја направија Скопје и младите. И Скопје и младите долго беа симбол на поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, но за жал, поради погрешни политики и недоволно внимание во последните години станаа предводници на т.н. Шарена револуција и факторот кој помогна СДСМ да се доближи на парламентарните избори во 2016 година и да победи на локалните во 2017 година. Масовниот одзив на митингот во Скопје, како и на младите од цела држава, покажува дека времето на слатки лаги заврши, дека оние што поверуваа дека со владеењето на Заев и СДСМ „ќе стигнеме пред портите на рајот“ се разочараа и го видоа неговото вистинско лице.
Истите тие, како и сите преостанати што дојдоа од цела Македонија, како и многуте кои сакаа но не дојдоа бидејќи се плашеа од заканите за своите работни места, егзистенција или иднината на своите деца, се на чисто дека времето на слатки лаги заврши, а притисокот не може да трае вечно.
Сега е на ВМРО-ДПМНЕ да ја канализира таа енергија и со добар тим, издржана програма и многу храброст и масовност да се спротивстави на оваа власт на Заев која, коцкајќи се со националните интереси на Македонија и Македонците, мисли дека може да владее со страв и терор. Тие времиња поминаа.
Летово ќе се гледаме на многу места низ цела Македонија, како и есента и зимата и ќе зборуваме за сето ова.