Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го откажа патувањето и закажаните средби за утре и побара од премиерот Зоран Заев веднаш да му го достави договорот со Грција за решавање на спорот за името.
На прес-конференцијата во седиштето на партијата Мицкоски кажа дека, како што кажа, „таканаречен договор е прифаќање на сите грчки позиции“.
- Ако постигнатиот таканаречен договор на Зоран Заев е прифаќање на промена на Уставот, и внатрешна и надворешна употреба на новото име, тогаш тоа е договор на Зоран заев за капитулација, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, премиерот Заев покажал нестабилност, недостоинственост и континуирана променливост на сопствените лични ставови.
- Најпрво беше против промена на Уставот, потоа прифати географска одредница за подоцна да ја убедува македонската јавност дека со промена на Уставот и решението Илинденска Македонија го потврдува идентитетот, рече Мицкоски.
Смета дека Заев сака „шверцерски“ да го протне решението, кое претходно го објави премиерот, Република Северна Македонија, како епохално.
- Ова е тежок егзибиционизам на штета на сопствената држава. Бараме т.н. договор кој Зоран Заев има намера да го потпише веднаш да ни го достави, појасни тој и рече дека ова не е вистинско решение, туку „капитулација“.
Го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да подржи промена на Уставот, а со цел промена на уставното име, и кажа дека партијата е за ЕУ и за НАТО и оти тоа ќе остане и натаму нејзина цел.
Нагласи и дека е битно да се разграничи која институција е надлежна и има ингеренции да склучува меѓународни договори, владата или претседателот на државата.
- Доколку Зоран Заев се обиде шверцерски капитулацијата да ја протне низ собраниска процедура, мора да знае дека референдум мора да има, и тој мора да биде задолжителен, а не консултативен, рече Мицкоски.
Според него, сериозна дилема се отвора и со фактот што овој меѓународен договор во себе предвидува промена на Устав, а секој оној договор, закон кој што го тангира Уставот односно предвидува интервенции во него, како што рече, не може да се носи со просто мнозинство.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тој како Христијан Мицкоски ќе гласа против ваков договор за името. Според него, неприфаќањето на договорот од страна на опозицијата не значи влегување во нова политичка криза.
Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа да оди на предвремени избори кога ќе ги добие условите што СДСМ ги имала за изборите во 2016 година.
- Ајде да одиме на избори. Ајде, најпрвин веднаш од утре да ги направиме условите кои што ги имаше СДСМ на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година. Кога ќе ги завршиме тие измени веднаш да организираме предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да излезе на тие избори, рече Мицкоски на прес-конференција.