ВМРО-ДПМНЕ денеска упати честитка до сите муслимански верници по повод големиот верски празник Рамазан Бајрам.

- Рамазан Бајрам за сите муслимански верници претставува радост, но воедно ја промовира љубовта, верноста и мирот, како поттик за создавање на подобри односи со блиските, пријателите и со сите луѓе со добра волја. Почитувањето на верската различност и негувањето на толеранцијата преку градење на постојан дијалог е од особен интерес за доброто на сите граѓани и за иднината на нашата држава, се наведува во честитката.

Нашата земја, како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, се соочува со историски премрежја и предизвици и тоа подеднакво ги загрижува сите граѓани.

- Затоа е потребна мудрост и знаење. Да се обединиме во зачувањето на вредностите и принципите врз кој почива Република Македонија. Нека овој Рамазански Бајрам уште еднаш нè потсети на трајноста на духовните вредности и дека со нивно негување, исполнетост со меѓусебно почитување, соживот и соработка, можеме да постигнеме напредок во нашето општество, стои во честитката од ВМРО-ДПМНЕ.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2018 13:03