Македонија е нашето име кое се изговара со особена чест и достоинство, со внимание со гордост во срцата, и силна енергија. Со посебно чувство и почит. Нашето име е големо, затоа што тоа е она што сме, и секогаш сме биле и ќе продолжиме да бидеме горди Македонци, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протестен марш кој партијата го организира во Битола.

Мицкоски нагласи дека Македонија е нашата љубов, заедничка емоција, нашиот завет, нашата татковина, и дедовина. Македонија останува нашата иднина.

-На Македонија и е потребна вашата сила, вашиот глас и разум, вашата енергија како никогаш досега. И немојте да престанете да го употребувате нејзиното име, затоа што тоа сме ние, тука сме поради нејзе, и нека се знае колкава е нашата љубов кон нашата татковина. Таа е нашиот завет, нашиот сон, како единствената наша определба. Македонија како основна причина за секој наш чекор, секоја наша активност, секој наш збор или дело. Како единствена цел на нашиот пат. И затоа кога ќе го кажете со гордост името Македонија изговорете го со верба, сигурност, со чест и достоинство, нагласи Мицкоски пред големиот број присутни граѓани кои се приклучија на протестниот марш.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/06/2018 17:36