На првиот јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за поддршка на мали и средни претпријатија, кој траеше од 27 април до 11 јуни, примени се 236 апликации за инвестициски проекти, главно од микро и мали компании, што бил и таргетот на овој повик - мерка од Планот на Владата за економски раст.

Според индустрии, најмногу инвестициски проекти има од ИТ-областа (околу 30 проценти), потоа следуваат од енергетиката, технологијата и машинството, трговијата и градежништвото. По региони, над половината апликации (околу 60 проценти) се од компании со седиште во Скопје, а останатите се од други населени места во Македонија.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на ФИТР Јован Деспотовски денеска ги презентираа првичните податоци и истаканаа дека бројот на апликации ги надминал нивните најоптимистички очекувања и дека ќе се заложат да ги исполнат барањата на што поголем број апликанти.

Анѓушев задоволен од големиот одѕив на, пред се, малите компании, истакна дека тие го препознале овој механизам корисен за нив и дека кај младите луѓе во Македонија се вратил ентузијазмот да инвестираат.

Вкупната инвестиција на компаниите што аплицирале, рече тој, е 52 милиона евра, од кои бараат 33 милиони помош од Фондот, или 63 проценти, а 19 милиони евра или 37 проценти би биле нивна сопствена инвестиција.

- Среќни сме што од 236-те апликации, 208 односно 88 проценти се во делот на иновативноста, што покажува дека Македонија има млади иновативни луѓе кои имаат идеи, а Владата секогаш ќе биде со нив за да ги поддржи. Среќни сме што ќе им овозможиме да формираат фирми кои еден ден се надеваме ќе прераснат во поголеми со значителна вредност. Важно е што од тие што аплицирале 83 или 35 отсто се микро компании и 115 или 49 проценти се мали компании. За нив и беа наменети овие мерки, што укажува дека тие биле димензионирани соодветно според потребите. Останатите апликации се од средни и големи, рече Анѓушев на прес-конференцијата попладнево во Владата.

Директорот на Фондот Деспотовски рече дека 92 процента од средствата кои компаниите ги побаруваат за поддршка на инвестиции се во делот на развој на иновации. Тоа, според него, е значајно зашто преку иновациите дополнително ќе се забрза економскиот раст.

Соопшти дека износот на средства што компаниите го побаруваат за инвестиции во првиот повик е 11 пати повисок од средствата што ги планирале за овој повик, односно 3,5 пати повисок од вкупниот буџет за Планот за економски раст.

- Овие бројки, всушност, покажуваат колкав е апетитот на домашните компании за ваков тип финансиска поддршка на економијата, а покажуваат и дека со правилна финансиска поддршка од Владата компаниите се подготвени да инвестираат и сопствени средства во проектите, додаде Деспотовски, соопштувајќи и дека за реализација на планираните инвестициски проекти компаниите планираат ангажирање на над 1.300 лица (од кои 27 проценти нови вработувања), со просечна плата од околу 700 евра месечно.

Со оние што ќе бидат прифатени ќе бидат поптпишани договори на средината на јули откако ќе помине фазата на евалуација и претселекција што ќе ја прават над 200 стручни лица за 20 области, а втор филтер при изборот ќе биде комисија од странски експерти. Нов повик за поддршка ќе има наесен.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/06/2018 16:38