Извештајот за работењето на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија во текот на 2017 година денеска е на дневен ред на 76-тата владина седница.

Од владината прес-служба информираат дека на предлог на Генералниот секретаријат на Владата, министрите ќе дискутираат за информацијата за постапување по обраќањата и препораките на Народниот правобранител упатени до Владата на Република Македонија, органите на државната управа и други органи и организации што имаат јавни овластувања, во периодот од јануари до март оваа година.

На седницата ќе бидат разгледани финансиските извештаи за работењето на АД МЕПСО во Скопје, во третиот и четвртиот квартал од 2017-тата година, односно во периодот од јули до декември, како и конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на Комисијата од хартии од вредност на Република Македонија.

Владата на денешната седница, на барање на Собранието, треба да даде мислење за предлог - законот за изменување на Законот за инспекциски надзор, а пред министрите ќе се најде и предлог - уредбата за методологијата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2019-тата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2018 12:05