Актуелната политичка ситуација во Македонија и швајцарската поддршка за институциите и процесите во нашата држава беа темите за кои денеска разговараа претседателот на ДУИ Али Ахмети и амбасадорката на Швајцарија во Македонија Сибил Сутер Тејада.

Како што соопшти ДУИ, Ахмети првично зборувал за политичката ситуација и ги пофалил главните достигнувања во првата година од владеењето, како заокружувањето на нормативниот дел од Охридскиот договор, итните реформи, добрососедскиот договор со Бугарија и спорот за името со Грција.

Ахмети истакнал дека Македонија ќе добие покана за членство во НАТО на Самитот следната недела на Алијансата во Брисел и потсетил оти минатиот месец добивме и датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Посочил дека ДУИ става посебна важност на судските реформи и општо системските реформи и оти владеењето на правото е предуслов за економски развој и кредибилитет на институциите во земјата.

Амбасадорката Тејада на средбата ги елаборирала проектите поддржани од Швајцарија во Македонија, вклучувајќи ги и активностите предвидени во однос на соработката со политичките партии.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2018 18:41