Во пресрет на средбата со рускиот претседател Владимир Путин, неговиот американски колега Доналд Трамп ги обвини демократите во САД и пред се неговиот претходник Барак Обама, за нарушените односи меѓу Вашингтон и Москва.

- Претседателот Обама мислеше дека расипаната Хилари ќе победи на изборите и поради тоа, кога беше информиран од страна на ФБИ за руското мешање во нашите избори, инсистираше дека тоа не може да се случи или дека не е голем проблем, и не направи НИШТО во врска со тоа. Откако јас победив, мешањето одеднаш стана голем проблем, и почна Наместениот Лов на Вештерки. Нашите односи со Русија НИКОГАШ не биле полоши и тоа е поради годините на американска глупост, како и Наместениот Лов на Вештерки, напиша Трамп на Твитер.

Трамп ги обвинува безбедносните служби на САД дека илегално ја следеле неговата предизборна кампања и собирале информации за неговите активности кои ги споделувале со Обама и Клинтон, а под изговор дека лица од кампањата на Трамп се во контакт со Русија.

Минатата недела америакнскиот специјален обвинител Роберт Малер обвини 12 руски агенти за мешање во американските претседателски избори во 2016 година, по што Трамп возврати дека се работело за активности кои се случувале во време на претседателот Обама, кој не реагирал бидејќи не сакал да покрене сомнеж во изборниот процес, очекувајќи дека Клинтон ќе победи на изборите.

Демократите тврдат дека изборот на Трамп е нелегитимен поради хакерските активности од Русија и бараа тој да ја откаже средбата со Путин. Хилари Клинтон преку Твитер го праша Трамп „дали знае за чиј тим игра?“ додека оди на средба со Путин.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2018 10:45