Претседателот на САД Доналд Трамп смета дека лично тој е заслужен за силата на НАТО, организација која досега честопати ја критикуваше.

Организацијата на Северноатлантскиот договор подобро се финансира „само поради мене", напиша Трамп на Твитер.

„Имав одличен состанок со НАТО", напиша американскиот претседател за неодамнешните средби со сојузниците од Алијансата.

„НАТО беше слаб, сега е повторно силен (лошо за Русија). Медиумите само говорат дека сум бил непристоен кон лидерите, никогаш не ги спомнуваат парите!", напиша Трамп.

Претходно денеска, во интервју за Фокс Њуз, Трамп повторно ги повика членките на НАТО да почнат да ги покриваат трошоците за функционирањето на воената алијанса.

- Ние плаќаме 91 процент од трошоците за чување на Европа. НАТО е одлична институција, но и помага на Европа многу повеќе отколку што ни помага на нас, изјави Трамп, додавајќи дека обезбедил воени расходи од другите членки на НАТО во износ од 41 милијарда долари, со можност таа бројка да се искачи на 100 милијарди.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2018 00:48