Либералните демократски институции и држави се под постојан притисок од надвор и од внатре. Поради тоа сега се поставува прашањето до кој степен либерализмот и демократијата можат да се заштитат и да ги издржат притисоците.

Во последните неколку месеци тројца водечки и познати фигури на либерализмот повикаа на заштита на либералните вредности и практики. Милијардерот и филантроп Џорџ Сорос и францускиот претседател Емануел Макрон говореа за актуелните проблеми и за иднината на Европската унија, а Барак Обама, како што му доликува на еден поранешен претседател на САД, кои се уште се светски хегемон, се осврна на глобалните прашања.

Од сите нив 87-годишниот Сорос беше најмалку оптимист. Неговата фондација „Отворено општество“, на која минатата година и подари дополнителни 18 милијарди долари од неговото огромно богатство, ја поддржува Европската унија на сите можни начини.

Тоа особено се однесува на финансиски добростоечкиот институт Европски совет за меѓународни односи, каде Сорос се обрати во текот на мај. Неговите зборови прозвучија како погребен говор. - Европската унија е во егзистенцијална криза. Се што можеше да се наруши се наруши. Заканите со кои се соочува Европа веќе не се само зборови, туку сурова реалност, изјави Сорос.

Приврзаноста кон строгите буџетски политики ги претворија богатите држави (особено Германија) во кредитори, а земјите што се соочуваат со проблеми (на прво место Грција и Италија) во должници. Со тоа се создадоа взаемни односи кои не се ниту доброволни, ниту рамноправни.

Сорос, кој е роден во Унгарија и во неговата татковина е критикуван од Владата на екстремнодесниот националист Виктор Орбан (кој како студент користел стипендија на Сорос), особено е песимист кон тенденциите за авторитарно владеење во некои држави од Централна Европа.

Таквите тенденции, кои се во директна спротивност со донеодамнешниот оптимизм на Сорос дека со мала помош народите од поранешните комунистички држави во Централна Европа можат да станат граѓани со истите граѓански и демократски права, како и државите од Западна Европа.

Макрон, кој е двојно помлад од Сорос, гледа на работите поведро од него, иако во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбург во текот на април говореше за „започната сеопфатна европска граѓанска војна на национален егоизам, кој е поважен од обединувачките сили и за секојдневното зголемено воодушевување од нелиберализмот иза геополитичките закани што секојдневно растат во Европа“.

Уверувањето на Макрон дека Унијата треба повеќе да се интегрира за да не се распадне, не привлече многу ентузијастички следбеници во ЕУ. Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека ЕУ ќе може да го задржи единството само ако одделните држави членки се силни и го задржат својот идентитет.

Во Германија избирачите се вознемирени од прашања како што се трошоците за плановите на Макрон за реформа на Еврозоната. На Ангела Меркел која загуби дел од поддршката на последните избори и која се соочи со конфронтација со нејзиниот најблизок коалициски партнер Христијанско социјалната унија и се наметнува потребата да биде многу повнимателна од вообичаено.

Обама го посети јужноафриканскиот финансиски центар Јоаханесбург за да присуствува на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Нелсон Мандела и притоа упати остри предупредувачки тонови.

- Тој дојде за да ги поттикне универзалните надежи на потчинетите луѓе во целиот свет, нивните надежи за подобар живот и можноста за вистинска трансформација со помош на човековите дела, изјави Обама говорејќи за првиот претседател на Јужна Африка по апартхеидот.

Мандела се роди во услови на потчинетост против која се бореше и во еден свет во кој угнетувањето и предрасудите беа нешто вообичаено. Тој го понесе тој товар и неговото движење се прошири и надвор од земјата.

- Едно цело поколение израсна во свет кој во многу аспекти стана послободен, посилен, побогат, исполнет со помалку насилство и потолерантен. Но, перспективата за подобар свет колку и да е реално во моментот бледнее. Денес гледаме дека постои стравување оти голем дел од светот се соочува со опасност да се сврти кон постар, поопасен и побрутален начин на водење бизнис, изјави Обама.

Тој нагласи дека сиромаштијата, дискриминацијата, насилството и нееднаквоста и натаму постојат, а понекогаш и се зголемуваат. Според него, елитите се се поизолирани од народните маси, солидарноста меѓу државите исчезнува и се создава недоверба кон сите лидерства - политичките, финансиските, корпоративните.

- За жал премногу голем дел од современата политика, по се изгледа, ја заборава идејата за објективна вистина. Луѓето едностано си измислуваат работи, изјави Обама.

Поранешниот претседател не го спомена името на актуелниот шеф на американската држава, но само малку се оние кои сметаат дека тој не го имаше предвид Доналд Трамп кога говореше за „апсолутното губење на срам при лажењето од страна на политичките лидери, кои едноставно продолжуваат да лажат“.

Што може да направи човек ако не да очајува. Цитирајќи ја мислата на Мандела дека младите луѓе имаат можност да се изборат со потчинетоста и да го кренат знамето на слободата, Обама повика луѓето „да продолжат да веруваат да се движат да градат и да го подигаат својот глас.

- Сега е време човек да биде гневен, но и да се потсети на зборовите на Мандела дека љубовта доаѓа природно од човечкото срце, изјави Обама.

Тоа беше добра фраза да се заврши едно обраќање и да се добијат наклонетост и аплаузи на стадионот во Јоханезбург. Но, во Европа на која посочуваат и Маркон и Сорос распадот е целосно возможен во услови на нездрава геополитичка клима на раскинување на врските на соработка и заедничките проекти, создавањетоа поделби во НАТО, ширењето на рускиот и кинескиот експанзионизам и кризата во економијата, би можела да ги натера државите да се вратат на старите валути што би предизвикало крах на инвестициите, платите и пензиите.

Предупредувањата на тројцата лоши пророци на либерализмот имаат за цел од јавното мислење да го отстранат вкоренетиот, а донекаде и основан став во побогатите демократии дека владејачките структури ќе направат се луѓето да продолжат да живеат и да работат во услови на мир и благосостојба.

Нивните пророштва служат како предурпедување за сите нас дека сегашната состојба не е таква.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2018 02:47