Во Русија е уапсен маж, кој сам украл, само со обичен алат, околу 275 тони метал од железницата, соопшти полицијата во Санкт Петербург.

Невработениот маж (38) одел навечер на станицата Красное село, во јужниот дел на вториот по големина руски град, за да демонтира навртки и други метални предмети. Тој бил „вооружен" само со клуч и клешти.

Полицијата во Санкт Петербург не прецизираше колку долго мажот, по националност Русин, ги извршувал овие кражби. Тој беше приведен вчера, а доколку биде осуден може да добие пет години затвор.

Кражбите на метали во Русија, особено од железницата, се честа појава. Еден тон може да биде продаден во земјата за околу 14 000 рубли (190 евра).



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2018 02:47