Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека „благодарение на неговите напори“, Европската Унија ќе им ги скрати фондовите за невладините организации кои се дел од конзорциумот Совет за заштита на слободата.

Во овој сојуз членуваат истакнати еврејски и арапски невладини организации, како Б’Тселем. која 30 години ги документира прекршувањата на човековите права на палестинските територии.

Европската комисија, како што јави дописничката на МИА од Брисел, засега не ги потврди тврдењата на Нетанјаху, но порача дека има истрага околу доделените средства.

- ЕУ ги разгледува можните прекршувања на обврските во договорот од страна на оние кои добиваат средства од фондовите на ЕУ во Израел и ќе преземеме следни чекори врз основа на таа проценка, изјави портпаролката на ЕК, Мина Андреева.

Таа потсети дека Унијата има стриктни финансики правила и дека без разлика на исходот, ЕУ ќе продолжи да ги брани човековите права и слободата на изразување во трети земји. Андреева истакна дека одлуката ја носи ЕУ, и само ЕУ.

Владата на Нетанјаху неретко таргетира истакнати левичарски невладини организации, како Б’Тселем и Прекршете го молкот, и се обидува да ги ограничи нивните активности, меѓу другото преку обидите да протурка закон за контрола на странските извори на финансии во граѓанскиот сектор.

Израелскиот премиер го обвини конзорциумот Совет за заштита на слободата дека го “поткопува правото на постоење на Израел“.

Европската комисија не коментира каков политички сигнал ќе се испрати до јавноста доколку бидат скратени фондовите за оваа невладината платформа.

Договорот на ЕУ со Советот за заштита на слободата е склучен во јануари 2017 и трае до декември 2019 и изнесува околу 400 илјади евра.

Извори во ЕК за МИА велат дека одлуката за фондовите за оваа организација би требало да се донесе до почетокот на следниот месец.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/08/2018 14:44