Македонија забележа победа над Фарски Острови во третото коло на ЕХФ шампионатот за играчи до 18 години што се одржува во Грузија. Мечот изобилуваше со резултатски пресврти за на крај со голот на Ненад Костески во последната секунда „црвено-жолтите“ да се радуваат на триумф од 30:29.

Мартин Серафимов со девет голови беше најпрецизен во победничкиот тим, Костески додаде шест гола, а по пет погодоци реализираа Кондев и Џигероски. Кристијан Симоновски постигна три гола, додека во листата на стрелци со по еден гол се запишаа и Карапалески и Какоски.

По оваа средба, Македонија и Швајцарија го делат првото место во групата, единствени со максимален учинок и по шест бода по првите три кола. Луксембург и Фарски Острови имаат по два бода, а последни се Естонија и Литванија кои се уште немаат бодови, пред денешниот меѓусебен дуел.

Иако се уште неофицијално, Македонија е многу блиску до осигурување на пласманот во полуфиналето на шампионатот, заедно со селекцијата на Швајцарија.

Токму Македонија и Швајцарија во меѓусебен дуел утре од 11 часот по македонско време, ќе одлучат за победникот во групата, кој теоретски носи полесен противник на хартија во полуфиналето.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2018 14:18