Во општина Берово денеска се одбележа 23 Август, денот на ослободувањето на Берово. Одбележувањето на патронот на градот започна со одржување на традиционалната свечена седница со која претседаваше актуелниот претседателот на Советот на Општина Берово, Јован Матеничарски.

Свое обраќање на седницата имаше Претседателот на збратимената општина Брус, Србија - Милутин Јелиќич, кој честитајќи го денот на градот го искажа своето огромно задоволство што има можност да биде гостин во Берово за овој празник и ја искажа својата желба за постојан раст и развивање на соработката која ја има со Општина Берово.

- Ако Берово во минатото се избори за својата слобода, сега граѓаните на ова гратче се исправени пред предизвикот да се приклучат кон европското семејство, истакна во својот говор Јагода Шахпаска, пратеник во македонското собрание.

Градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски, во кратки црти ги презентираше постигнатите резултати и успешно реализираните проекти на локалната самоуправа за оваа година и ја истакна отвореноста за иницијативи и идеи кон граѓаните на Берово.

На крајот на свечената седница градоначалникот додели благодарници на поедницни кои допринесуваат кон еден континуиран раст и развој на општината, така што благодарници добија Зоран Цветковски за подршката и придонесите во реализација на капитални проекти во Општина Берово и КУД Димитар Беровски за Афирмација на општината и негување на традицијата и културата.

Во рамки на настанот доделени беа и парични награди по 5.000 денари за освоено прво место на државни натпревари на учениците Елена Цикарска, Аџмеда Мустафова и Горазд Коколански, а градоначалникот Пекевски охрабрувајќи ги наградените им посака уште многу успеси во иднина и да продолжат да се усовршуваат и да постигнуваат нови успеси како позитивен пример во промовирање на општината.

Сите присутни по завршувањето на свечената седница се упатија кон споменикот на паднатите борци од НОВ, каде беше положено свежо цвеќе. Како дел од настанот во рамки на културно-уметничката програма со своја изведба се претставија децата од ОСУ „Дедо Иљо Малешевски“.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2018 20:37