И покрај поразот од Вардар (34:28) синоќа во македонскот дерби во СЕХА лигата, тренерот на Металург Данило Брестовац е задоволен од прикажаното на оваа средба.
- На оваа средба имавме многу осцилации во нашата игра. Но, јас очекував да биде така. Ни недостигаа најмалку две ротации на надворешната линија и на пивотменската позиција. Со нив би имале повеќе избор. Се надевам дека наскоро ќе го решиме проблемот со пикерската позиција, откако Миличевиќ ќе ги среди своите документи. Јас сум задоволен од тоа што го сработивме за овој краток период. Се корегиравме и ја поправавме својата игра во овој период. Сепак, јас не сум волшебник, а и треба време за момците да се навикнат на мојот стил на работа, рече Брестовац.
Тој очекува како поминува времето металурзите да бидат уште подобри.
- Во овој момент ни недостигаат средби. Ова ни е трет меч, а за мене е прв, бидејќи не ги сметам Супер купот во Струга, на кој не присуствував, и дуелот против Бутел, кој беше само тренинг дуел. Вардар одигра десетина натпревари и се гледа дека нивната игра е на повисоко ниво. Уште еднаш, честитки до Вардар. Сè беше навистина добро. Можам да кажам дека имаше периоди во кои достојно му париравме на Вардар, посочи Брестовац.