Прилепските компании и Македонија се соочуваат со недостиг на работна сила во секој домен, признаваат стопанствениците од прилепскиот регион и преку Регионалната стопанска комора на денешната седница на Управниот одбор се обидуваат да преземат мерки да се реши проблемот.

Според Ирена Јакимоска, претседател на комората, потенцијалната работна сила речиси не се пријавува на огласи. Најголемиот проблем е иселувањето во западноевропските земји. Според извештајот на Обединетите нации од 1990 година до лани од земјава се иселиле 538 000 луѓе што е загрижувачки. Тоа е тренд на целиот балкан. Сето влијае и на пласманот на македонскиот пазар, а трпи и буџетот кој со 41 насто се финансира од ДДВ-то. Потребна е национална стратегија и, можеби увоз на работна сила, смета Јакимоска.

- Процесот на миграција не можеме да го забраниме или да го спречиме, но мора да најдеме начин, на национално и на регионално ниво, како да го амортизираме за да не направиме економски негативен ефект за стопанството и за капиталот во Прилеп, па и во државата. На иницијатива на Регионалната стопанска комора формирана е група, составена од сите менаџери за човекови ресурси. Фактите и показателите се малку застрашувачки. Според извештајот на Обединетите нации од 1990 година 538 000 луѓе заминале од Македонија. Конкретно во компанијата „Комфи Ангел“. Ако порано за општ работник аплицираа 140 кандидати, сега се јавуваат едвај 10 потенцијални работници. Иселувањето во западноевропските земји е најголемата причина, а и вработувањето на потенцијалната работна сила во технолошко развојните зони е една од причините. Најмногу се бара стручна работна сила, пред се бравари, шивачи, претежно машка популација.Треба да се направи национална стратегија и нашата држава да се отвори за можноста за увезување потенцијална работна сила. Тоа го направи Бугарија со увоз на работна сила од Индија и Кина и можеме да го следиме тој чекор.Сметам дека треба да им се овозможи на странците да студираат на нашите факултети, зашто поради недостигот на работна сила, губиме и потенцијални потрошувачи. Ако знаеме дека 41 насто македонскиот буџет се полни од ДДВ-то, негативно ќе се одрази доколку се загубат потрошувачите во земјава. Секако дека зголемувањето на животниот стандард, тоа значи зголемувањето на платите, треба да биде наш предизвик и тој процес е веќе почнат, рече Јакимоска.

Прилепскиот комбинат со Филип Морис веќе вложи 80 000 евра во модернизација на практични училници во прилепското електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко, вели директорот на комбинатот Кире Станкоски.

-На компанијата и недостасуваат електромашински инженери, електричари и бравари и затоа вложува во идните кадри. Младите кадри ќе ни бидат практиканти и ќе ги обучуваме додека се во средното образование, вели Станкоски.

Орде Георгиоски, директор на правен сектор во прилепска „Витаминка“ реагира дека домашните компании се нерамноправни со оние во индустриската зона кои користат државни субвенции и ги прибираат работниците.

- Ќе предложиме мерки домашните компании да станат поконкурентни во однос на компаниите кои работат во индустриските зони. имено имаме одлив на кадри кои одат во компаниите во зоните, а тие се пак корисници на државна помош, им ги олеснува условите на работење наспроти домашните компании. Од друга страна ќе предложиме измени во законските регулативи за вработувањето и за работните односи. Потребни се измени во техничките струки и се да оди во корелација со факултетите и средните училишта. Имаме програма за стипендирање студенти на технолошко-металуршкиот факултет за да ги привлечеме младите да решат својата иднина да ја градат во нашата компанија,нагласува Георгиески.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски парадоксот е зачудувачки. Во Прилеп имаше голема невработеност со години, а сега недостасува работна сила.Мора да се преземат чекори.

- Компаниите треба да најдат начин да партиципираат во едукацијата и во студирањето на младите. Сега е доцна, почна учебната година, но тоа треба да се направи за в година. Тоа ќе ја зголеми и цената на трудот, а веќе почнаас тоа да го прават во компаниите во индустриските зони. Освен тоа, треба да научиме да ги користиме европските фондови за да го спречиме заминувањето на младите, смета Јованоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/09/2018 17:08