Македонскиот ракометен вицепрвак Металург средбата против Извиѓач од Босна и Херцеговина ја гледа како убава шанса за прв триумф во годинашното издание од регионалната СЕХА лига.
Помошник-тренерот Оливер Димитриоски и пикерот на Металург Милан Лазаревски веруваат дека и покрај многуте повредени играчи, може д асе освојат првите бодови.
- И екипата на Извиѓач исто така има загубено три натпревари во првите три кола. Кај нас и натаму најголем проблем се повредите и јас само се надевам дека ситуацијата ќе се среди до среда. Се надевам на позитивен резултат, иако тоа не ни е во преден план, туку создавање на тим кој ќе може да ги даде резултатите за неколку години, изјави Димитриоски на денешната прес-конференција.
Против Извиѓач ја гледам шансата за прва победа во оваа сезона. Победата ќе влијае на подигувањето на самодовербата на нашите играчи, а тоа е многу значајно. Ние сме благи фаворити, убеден сум дека ќе го запишеме првиот триумф, додаде Лазаревски.
Натпреварот Металург – Извиѓач се игра в среда во Скопје со почеток во 20:45 часот.