Мерките, активностите како и финансиската поддршка што Владата им ги нуди на домашните потенцијални инвеститори беа тема на денешната презентација одржана пред охридската бизнис заедница.

- Како резултат на приоритетните мерки за поддршка на економијата веќе се бележат и почетните резултати, растот на домашниот бруто производ во првата половина на тековната година до 3,1 процент, покачување на просечните плати за околу шест отсто, раст бележи и индустриското производство за околу 5,5 проценти, се зголемува и извозот, рече министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска.

Апостолска ја искористи оваа прилика да ја нагласи и важноста од евроатлантските интеграции во насока на подобрување на бизнис и деловното опкружување.

- Политичката стабилност и безбедноста несомнено влијае врз деловната клима што придонесува за подобрување на сите економски параметри. Влезот во НАТО и ЕУ структурите секако овозможува далеку подинамичен раст на стопанството, за што говорат позитивните примери кај државите од соседството, рече таа, нагласувајќи дека со интензивирањето на интеграциските процеси значи и зголемување на пристапните фондови на ЕУ.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски од своја страна истакна дека мерките што им се нудат на домашните инвеститори секако значат поволности за развој на нивните бизниси, а истовремено бенифит за локалната заедница што произлегува од подобрувањето на севкупните состојби во локалната економија.

- Изедначувањето на домашните со странските инвеститори, условите и поволностите што им стојат на располагање, како и мерките од трите столба на Планот за економски развој од една страна ќе го подобрат домашниот бизнис, а од друга страна ќе придонесе за нивна поголема конкурентност во споредба со странските компании, рече Стојаноски.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2018 12:51