По победата на екипата на Вардар на гостински терен против силниот Веспрем, тренерот на „црвено-црните“, Роберто Гарсија Парондо на прес-конференција изјави дека е пресреќен од прикажаното и им се заблагодари на своите ракометари што успеаја да го надоместат отсуството на повредените. - Пресреќен сум поради победата. Многу тешко се победува тука, знаеме колку е силен Веспрем. Имаме многу повредени, а и клупата не е така долга како што беше во минатите неколку години. Ова е голема победа за нас и благодарен сум на моите ракометари што денеска одиграа неверојатно. Тие успеаја да го надоместат отсуството на повредените. Тоа што секој ден го работиме на тренинзите, играчите го спроведоа на дело, изјави Шпанецот по мечот. Вардар својот следен меч во ЛШ го играат против Рајн Некар Левен следната сабота во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2018 10:00