Владата на Република Македонија денеска на седница ја усвои информацијата за имотот кој припаѓал на Тутунскиот комбинат „Боро Петрушевски Папучар“ од Куманово со цел да се испитаат можностите за рестартирање на комбинатот.

Во таа насока, како што информира владината прес-служба, задолжени се Управата за јавни приходи и Агенцијата за управување со одземен имот, во договор со доверителите и сопствениците на имотот или на дел од него, да влезат во процес со кој ќе ги уредат меѓусебните односи во постапката со која треба да се создадат услови за продажба на вкупниот движен и недвижен имот на потенцијалните инвеститори.

На денешната седница, усвоена е и информацијата за Рамковната соработка меѓу Македонија и групацијата Светска банка за периодот 2019-2023 година, како и информацијата за активностите што ги превзема Македонија за имплементација на Националната стратегија за одржлив развој и имплементација на целите за одржлив развој на Обединетите нации. Донесена е одлука за измени на Одлуката за формирање на Националниот совет за одржлив развој.

Министрите го прифатиле и најновиот усогласен текст на Спогодбата меѓу владите на Македонија и САД за научна и технолошка соработка и назначен е министерот за образование Арбер Адеми за потписник на спогодбата.

На седницата назначени се и претседател и членови на Организациониот одбор за претстојната прослава на празникот 11 Октомври. За претседател е назначена министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, а членови се министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за култура Асаф Адеми, министерот за локална смаоуправа Сухејл Фазлиу, државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ и националниот коодинатор за развој на културата и меѓуресорската соработка Роберт Алаѓозовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2018 23:30