Агенцијата за промоција и подршка на туризмот на Македонија ја доби годинешната награда - Brand Leader Award 2018 на осмата бизнис конференција „Туристички пазар на Југоисточна Европа-СЕЕТ 2018-та“ што се одржува во Белград, а на која учествуваат над 400 преставници на национални и локални туристички организации, компании и институции од регионот, ЕУ, Русија, Кина, Турција и Иран.

Во образложението за доделувањето на наградата за лидер во туризмот во регионот се наведува дека Агенцијата за промоција и подршка на туризмот на Македонија преку добрата промоција на најатрактивните дестинации на државата на меѓународниот пазар, има дадено голем придонес кон јакнењето на конкуретноста на туристичкиот пазар на целиот регион.

- Наградата е потврда за македонскиот туризам и за работата на Агенцијата за подршка на туризмот, изјави директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски по добивањето на наградата.

Тој посочи дека според податоците на Светската туристичка организација, Македонија е меѓу првите пет најбрзо растечки дестинации во Европа.

- Со колегите од регионот успеавме да го промовираме Балканот како значајна дестинација за третите пазари и според Светската туристичка организација, Балканот е вброен во 10-најбрзо растечки дестинации во светот, рече Јаневски.

Според него, Македонија оваа година го докажува епитетот како лидер во регионот кога се во прашање туризмот и туристичките дестинации и „со успехот и растот од 18 отсто на дојдени туристи и со поголем девизен прилив од 26,5 отсто во првите шест месеци.

Покрај Агенцијата, награда на туристички бизнис форум доби и хотелот Unique Resort & Spa од Охрид.

Фокусот на Осмата туристичката бизнис конференција во Белград годинава беше насочен кон откривање на нови можности за зголемување на приходите на туристичките пазари, јакнење на идентитетот на туристичките рути во регионот и привлекување на туристи од далечните пазари.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2018 19:55