Преку програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа во моментов во Источниот-плански регион е започната реализацијата на 12 нови инфраструктурни проекти како и подготовка на техничка документација во вкупна вредност од 35 милиони денари. Заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, кој денеска беше во работна посета на Берово истакна дека регионалните проекти воглавно се за заштита на животната средина и збогатување на туристичката понуда. - Конкретно во Берово се финансира техничка документација за изградба на колекторски систем во три населени места. Во Делчево од проектите може да ги издвоиме пешачкиот мост на река Брегалница во Делчево, во Штип реконструкција на водоснабдителен систем и изградба на детска градинка во Штип. Во Кочани и Карбинци изградба локален пат. Во шест села подготовка на урбанистичка и проектна документација. Во општина Чешиново-Облешево пешачка патека и улици, во Виница реконструкција на објект за социјални услуги, информираше Павлески. Дополни дека во буџетот за 2018 година средствата за рамномерен регионален развој се удвоени, а тенденција на Владата е секоја година тие да се зголемуваат. Со ребалансот на буџетот Владата, како што додаде заменик министерот, обезбеди нова буџетска поддршка од 50 милиони евра за решавање на проблемот со долговите на општините. - Определба и приоритет за Владата е се изградба на нови инфраструктурни проекти - пат до секое населено место, улици, осветлување, здрава вода за пиење, училишта и детскиградинки. Здрава животна средина, стандардизирани депонии, а тоа значи квалитетни земјоделски производи, здрава, органска храна, рече Павлески. Тоа според министерот значи услови за подинамичен развој, нови работни места и подобри услови за живеење.