Договорот од Преспа не само што е жив, туку е и централна политичка цел за нас, вели министерот без ресор и портпарол на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за државната телевизија ЕРТ. Во него тој објаснува дека политичката порака од завчерашната владина седница е дека грчката Влада е посветена на Договорот од Преспа.

- Мислам дека и господинот Заев и господинот Ципрас се обврзани од Договорот од Преспа, ќе направат сѐ што е во нивни раце за да се искористи оваа можност што постои во овој момент, да се искористи овој прозорец и да можеме конечно да поминеме кон следниот ден во односите меѓу двете земји, но и кон следниот ден за стабилност на Балканот, истакна портпаролот на грчката Влада.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ѕанакопулос рече дека со тоа што грчкиот премиер лично го презема Министерството за надворешни работи, „ги обврзува сите за конкретна политичка линија“.

-Централата порака е дека самиот премиер, кој е и иницијатор, творец, човекот кој застана во прв ред за да можеме да стигнеме до Договорот до Преспа, секако со огромниот, основниот придонес на Никос Коѕијас, ова никој не го негира, вчера испрати јасна порака и јасна насока за грчката Влада. Договорот од Преспа не само што е жив, туку е и централна политичка цел за нас. Освен тоа, треба да кажам дека оставката на господинот Коѕијас, за мене е политички неразбирлива ако се земе во предвид она што претходно го кажав, рече Ѕанакопулос и неколку пати повтори дека политички не може да ја протолкува причината за оставката на министерот за надворешни работи, истакнувајќи дека самиот Коѕијас ќе треба да ги објасни причините за оставката.

Портпаролот на грчката Влада, во интервјуто потенцираше дека, Ципрас ниту уценува, ниту е уценет, а за грчкиот премиер никогаш не постоела дилемата Коѕјас или Каменос.

Ѕанакопулос во интервјуто за ЕРТ, рече дека Заев води голема битка, ја изрази поддршката од грчка страна и додаде дека го очекуваат резултатот од Собранието „со надеж дека ќе го направи она што треба за да ги исполни предусловите за да стапи во сила Договорот од Преспа“.

-Господинот Заев прави исклучително тежок, но во исто време исклучиво важен напор, извонреден напор и мислам дека во рамки на уставниот процес ќе успее да го обезбеди потребното мнозинство. Секако, ако не го постигне тоа, ние имаме испратено многу јасна порака дека не постои друга можност за решение, не постои трет пат, единствениот пат е ставање во сила на Договорот од Преспа, рече Ѕанакопулос додавајќи дека ќе треба „граѓаните во соседната земја да одлучат на кој начин сакаат да чекорат во 21 век, односно каков Балкан сакаме, какви меѓународни односи сакаме, какви билатерални односи со Грција сакаме“.

Проценката на Ѕанакопулос е дека до почетокот на март ќе се разјасни ситуацијата и уште еднаш повтори дека во грчкиот Парламент постои мнозинство за ратификација на Договорот од Преспа.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2018 13:41