Министерството за Безбедносните сили на Косово (ФСК), по повод денешните информации објавени во српски медиуми дека припадници Срби го напуштаат ФСК, соопшти дека до него не е стигнато ниедно барање за ослободување од должноста од ниту еден припадник, јави дописникот на МИА од Приштина.
Портпаролот на Министерството Али Ука изјави за порталот љајми.нет дека на денешната редовна утринска средба не е известено дека имало оддалечување на некој припадник на безбедносните сили.
– Официјално не сме добиле некое такво барање. Никој не рапортираше за такво нешто, ниту министерот ниту командантот. Таквите барања се мошне вознемирувачки за нас, но официјално не сме добиле ниедно, изјави Ука.
Пред неколку месеци, во текот на десетина дена, ФСК го напуштија над 50 припадници Срби, за што официјална Приштина ги обвини властите во Белград и нивните „извршители“ во косовските средини со мнозинско српско население. Тие, според косовските власти, вршат постојани притисоци и закани врз припадниците Срби на ФСК и нивните семејства.