Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово Авдулах Хоти најави дека опозицијата ќе поднесе ново барање за одржување на вонредната собраниска седница и усвојување на резолуција со која се бара за прашањето на границите со Косово да не се расправа на дијалогот со Србија во Брисел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хоти денеска изјави дека ниту еден пратеник во косовското Собрание не ја поддржува идејата на претседателот Хашим Тачи за корекција на границата и нагласи дека е загрижувачко неговото инсистирирање да го реализира својот наум.

– Ние сме загрижени поради постојаното инсистирање на претседателот Тачи, на неуставен начин, без оглед на тоа што ниту еден единствен пратеник не ја поддржува неговата идеја, да ја оствари намерата. Поради тоа, денеска ќе го доставиме новото барање за вонредна седница за усвојување на резолуцијата која ја поднесовме на 4 септември во Собранието на Косово, им изјави Хоти на новинарите во Собранието.

Шефот на пратениците на ЛДК нагласи дека ниту еден од 120-те косовски пратеници не е подготвен да ја поддржи идејата на Тачи за размена на територии со Србија, што тој го нарекува „корекција на границата“.

– Сега е најавена и мировна конференција во Париз и ние не смееме да дозволиме на еден човек да ја земе во свои раце судбината на Косово. Тој сака да ја истурка својата идеја, а ние треба да се собереме и да му речеме на овој човек „стоп“ по пат на една едноставна резолуција, со една точка во која се вели дека прашањето на границите не е прашање на дијалогот со Србија, изјави Хоти.

Претходно, пратениците на неговата и на партијата Самоопределување (ВВ) ја напуштија денешната собраниска седница, на која присуствуваа единствено на почетокот, заради усвојување на меѓународни договори, за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Хоти рече дека со тоа сакале да го покажат својот конструктивен однос за националните интереси, но нагласи дека ќе го продолжат бојкотот се додека не се прифати нивното барање за вонредна седница за дијалогот со Србија.

– Нема да учествуваме на другите точки на седнциата затоа што оваа Влада е малацинска влада и нема смисла веќе Собранието да продолжи вака. Треба да се собереме што побргу, да размислат сите добро и да донесеме одлука за распуштање на Собранието, порача Хоти.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2018 17:51