Српската опозициска Лига на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ) на Ненад Чанак, побара денеска итно разрешување на министерот за одбрана Александар Вулин, тврдејќи како општеството страда поради голема штета од „деструктивната политичка активност“ на Вулин и со оценка дека тој е „само пример на туѓи интереси, бидејќи со неговите политички постапки управува Москва” .
Во соопштението на ЛСВ се истакнува како Вулин за „интересите на странски држави”, секојдневно ги провоцира соседните земји „што никако не е во интерес на Србија“, а последниот во серијата се „нападите на Вулин врз Црна Гора“.
– Иако се крие зад наводната загриженост за Косово, на сите им е јасно дека неговите провокации кон нашиот јужен сосед се направени на сметка на Кремљ, поради членството на Црна Гора во НАТО, се наведува во соопштението.
Како „врв на штетното дејствување на Вулин“, ЛСВ го наведува „промовирањето на осудените воени злосторници од војните во 90-те“.
Од ЛСВ исто така наведуваат дека Вулин „прво ги ангажирал осудениците за воени злосторства да предаваат во воените училишта“, а како „последен удар на Вулин врз нормализацијата на српското општество“, ЛСВ го цитира „објавувањето на книгата на генералот и осудениот воен злосторник Небојша Павковиќ“.
– Вистинската европска ориентација на властите во Србија и искрената желба за враќање на нашето општество во демократските трендови ќе биде препознаено по тоа што Александар Вулин ќе биде лишен од сите државни функции и ќе биде турнат на маргините на политичкиот живот каде што му е местото со другите деструктивни екстремисти, се наведува во соопштението на ЛСВ.