Силен земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала ноќеска е регистриран во Јонското Море во близина на западниот грчки туристички остров Закинтос.

Потресот бил почувствуван до Атина, а властите соопштија дека засега нема извештаи за повредени лица или причинети поголеми метријални штети.

Геолошкиот институт на САД соопшти дека епицентарот на подводниот земјотрес бил на 33 километри југозападно од Музаки во јужниот дел на островот. Тој бил на длабочина од 14 километри и бил регистриран во два часот по локално време.

Грчката противпожарна служба соопшти дека досега не е пријавена штета, но оти во главниот град на островот Закинтос нема струја. Во друг дел на островот биле пријавени паднати карпи, а се урнал и дел од ѕид на црква во градот Пиргос, во јужниот дел на Пелопонез.

Земјотресот силно бил почувствуван во цела Грција.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2018 09:41