Косовскиот претседател Хашим Тачи ги демантира наводите на опозицијата и дел од медиумите дека за време на посетата на Париз, на 11 ноември, ќе одржи нова рунда преговори со неговиот српски колега Александар Вучиќ за решение на споровите меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјава за новинарите пред Франкофонскиот форум за инвестиции, кој се одржува денеска во Приштина, Тачи рече дека посетата на Париз, каде што ќе присуствува на одбележувањето на 100-годишнината од мировниот договор со кој се стави крај на Првата светска војна, претставува мошне добра можност за промовирање на косовската држава.
– Претставува посебна чест и задоволство што Косово е покането на меѓународна мировна конференција, на една церемонија на највисоко светско ниво, каде што ќе учествуваат лиерите од цел свет и од најмоќните држави, изјави Тачи.
Тој нагласи дека, на покана на францускиот претседател Емануел Макрон, Косово ќе учествува на рамноправно ниво, што претставува „извонредна можност за промовирање на косовската држава и пред оние лидери кои се уште не го признале Косово“.
– Оваа можност треба да се искористи и ќе се искористи максимално. А, што се однесува до другите теми, јас ќе учествувам на секоја церемонија, со порака за мир. Таму нема да има дијалог Косово-Србија, туку афирмација на Косово.
Во организација на францускиот претседател, на 11 ноември во Париз ќе се одржи манифестација по повод 100-годишнината од мировниот договор меѓу Сојузничките сили и Германија за завршување на Првата светска војна на Западнипт фронт.