Српскиот претседател Александар Вучиќ е решен да остане запишан во историјата како човек кој ги помири етничките и територијалните разлики во регионот кој е синоним за војна, се наведува во денешното интервју на Блумберг, кое го пренесува Танјуг.

Нарекувајќи го Вучиќ „најголем руски сојузник на Балканот”; Блумберг пишува дека Србија својата иднина ја врзува со членството во ЕУ и дека претседателот на Србија вели дека германската канцеларка заслужува лојалност.

Во интервјуто објавено под наслов „Кога Меркел зборува, стариот руски сојузник слуша”, Вучиќ изјавил дека нема да ја налути германската канцеларка Ангела Меркел.

– Мораме да покажеме фер однесување и лојалност, рече тој; и додаде дека разговорот со Меркел не е „лесен разговор”, но дека „никогаш нема да каже што било против неа”.

Блумберг наведува дека морковот на членството на Србија во ЕУ заедно со рускиот интерес да го задржи влијанието во регионот е ставен на тест, пренесува Танјуг.

Вучиќ е во центарот на надмудрувањето меѓу Истокот и Западот и е клучот за тоа што ќе се случи во блиска иднина, со предупредувања од ЕУ и Германија за потенцијално експлозивни последици ако лидерите во регионот не бидат вклучени, пишува Блумберг.

Агенцијата тврди дека Вучиќ треба да се помири со Косово. Тоа е предуслов за Србија да се приклучи во ЕУ, заедно со реформата на судството и борбата против корупцијата.

Летоска изгледаше дека Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи се блиску до договорот, но на самото споменување во него да се вклучи и размена на територии во регионот, каде што се случија најтешките конфликти во Европа по Втората светска војна, предизвикаа незадоволство во меѓународната заедница и ги оживеаа стравовите од нов конфликт, наведува Блумберг, додавајќи дека владата на Ангела Меркел го спореди овој предлог со отворањето на Пандорината кутија.

– Американската администрација е поотворена да ја сослуша нашата страна , рече Вучиќ, наведувајќи дека претходно официјални лица и рекле на Србија дека треба да го признаат Косово, а сега Србија може да зборува за нешто со Американците. Тоа е промена. Ја отворија вратата и тоа е добро .

И додека преговорите со Косово се во ќор-сокак, се очекува Вучиќ повторно да се состане со Тачи во Брисел оваа година, пишува агенцијата, истакнувајќи дека за време на нивниот престој во Брисел во септември тие не можеа ни да седнат на истата маса.

Вучиќ одби да ги изложи детали за содржината на некој потенцијален договор, иако призна дека тоа ќе биде тежок компромис.

-Ќе сторам сé за да му се приближам на решението, бидејќи тоа е нешто што ќе ја спаси Србија во иднина и ќе спаси многу животи, рече Вучиќ. Тој рече дека додека граѓаните стануваат сé повеќе скептични Србија да стане членка на ЕУ, тој ја слуша Ангела Меркел.

-Ова денес и го кажав на Русија. Сакаме да припаѓаме на ваков вид на општество, изјави Вучиќ.

Блумберг наведува дека во културен и верски поглед, Србија традиционално е дел од руската сфера, иако ЕУ е далеку најголем инвеститор во земјата од седум милиони жители, пренесува Танјуг.

Русија и Кина, кои застана зад Србија во нејзиното одбивање да го признае Косово, сега јавно ветуваат дека ќе поддржат секој договор што Србија ќе го прифати.

Сепак, наведува Блумберг, Русија не сака да го поддржи договорот кој би можел да го забрза членството на Србија во ЕУ и дополнително да го намали нејзиното се помало влијание врз Балканот, додека Кина би можела повеќе да ја поддржи, бидејќи инвестициите во регионот ги гледа како можност за влез во Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2018 22:55