Премиерот Бенјамин Нетанјах изјави дека Израел нема да ги прифати барањата на екстремната исламистичка организација Хамас за уплата на месечни средства во замена за мир.
Нема начин Израел да прифати таква понуда. Ќе продолжиме да дејствуваме во согласност со интересите на Израел, за израелската безбедност, истакна Нетанјаху на денешната седница на израелската Влада, која почна со одавање почит на жртвите од вчерашниот напад врз синагога во Питсбург, САД. Хамас вчера побара месечни исплати во висина од 15 милиони долари месечно со цел да запре ескалација на насилство во Појасот Газа.
Како што е наведено во документот предаден на Египет, кој посредува во склучувањето на договор за прекин на огнот помеѓу Израел и Хамас, се наведува дека парите би ги обезбедил Катар.
Во документот лидерот на Хамас во Појасот Газа, Јахија Синвар изјави дека очекува Израел да ги префрли парите до следниот четврток. Со тоа би се избегнала координацијата на Израел и постоечкиот механизам за нављудување, врз чија основа Палестинската управа од Западен Брег транспарентно исплатува плати.
Израел го обвинува Хамас дека е организатор на судирите на границата со Појасот Газа.
Судирите избија кон крајот на март и се повторуваат речиси еднаш неделно односно во секој петок се организираат протести на границата на Појасот Газа со Израел. Во тие протести загинаа над 160 Палестинци.
Протестите ескалираа и во петокот, кога израелската армија отвори оган врз демонстрантите при што загинаа шест Палестинци.
Во ноќта помеѓу петок и сабота истрелани се околу 40 ракети од Појасот Газа врз Израел, во знак на одмазда за убиените Палестинци. На ракетирањето возвратија израелските воени авиони, кои нападнаа повеќе цели на Хамас во Појасот Газа.
Нападите престанаа откако палестинската група Исламски џихад, кој ја презеде одговорноста за ракетирањето, соопшти дека со египетското посредување прифаќа прекин на огнот.
Хамас во 2007 година насилно ја презеде власта во Појасот Газа од умерениот Фатах на палестинскиот претседател Махмуд Абас. Фатах сега доминира само на Западниот Брег.