Бугарија, Лeтонија и Франција се земјите со најниска стапка на доверба во вакцините, додека во Португалија, Данска, Шпанија и Унгарија оваа стапка е највисока, со над 90 отсто, открива студија нарачана од Европската Комисија.

Иако резултатите варираат од земја до земја во ЕУ зависно од историскиот и политичкиот контекст, европскиот континент останува регионот во кој недовербата кон вакцините е најголема, забележува извештајот.

Сепак мнозинството граѓани секаде во Европа продолжуваат да веруваат во ефикасноста на имунизацијата. Најниската стапка, во Бугарија, изнесува 66,3 отсто.

– Во некои земји на ЕУ, антивакцинските групи, помогнати од социјалните и мејнстрим медиумите, стекнуваат влијание и почнаа да влијаат врз политиката и политичките избори, се наведува во студијата.

Анкетата покажа и дека стапката на доверба на граѓаните се менува зависно од вакцината на која се однесува поставеното прашање, што покажува дека се потребни таргетирани одговори од страна на надлежните институции и органи за да се врати довербата на граѓаните.

Резултатите на анкетата покажуваат разлики на мислења во однос на возраста, полот, социоекономската положба, верата и други фактори. Па така, жените имаат повеќе доверба во ММР вакцината (мали сипаници, заушки, рубеола) отколку во вакцината против грипот отколку мажите. Во повеќе земји лицата со високо образование имаат поголема доверба во сите видови вакцини, отколку лицата со основно или средно образование.

Исто така, лицата кои се идентификуваат како православни христијани почесто одговориле дека вакцините не се безбедни ниту ефикасни, отколку лицата кои се деклираат како агностици или атеисти. Сличен е соодносот и меѓу лицата од муслиманска вероисповест и атеисти/агностици, покажува студијата.

– Последните епидемии на сипаници треба да се искористат како шанса да се потсетат луѓето колку се важни вакцините и кои се опасностите и од болести кои можат да се превенираат со вакцина, оценува извештајот.

Летово Светската Здравствена Организација објави дека бројот на случаи на мали сипаници постигнал рекордна стапка во Европа. Во првата половина од оваа година починале 37 лица а регистрирани се 41.000 заразени, што е највисока стапка во последните десет години.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2018 11:58