Повеќе од девет месеци по убиството на еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, се уште нема никаква информација за сторителите и мотивите за атентатот, поради што косовската полиција денеска објави дека ја удвои наградата за информација која би помогнала во расветлувањето на случајот, јави дописникот на МИА.

Заменикот генерален директор за ресурси на косовската полиција, Дејан Јанковиќ, изјави дека наградата за корисна информација во врска со настанот, наместо досегашните 10.000, изнесува 20.000 евра.

Ивановиќ беше убиен утрото на 16 јануари годинава пред седиштето на неговата партија Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП) во северна Митровица.

Овој атентат предизвика бурни реакции и низа шпекулации за можните сторители и мотиви, како во Косово, така и во Србија.

Случајот го води Специјалното обвинителство на Косово, а ниту повеќе од девет месеци по убиството нема никаво навестување за каков и да е напредок во истрагата.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 02:16