Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска отпатува за Минск, Белорусија, каде што ќе учествува на средбата на Главната група на Минхенската конференција за безбедност, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти кабинетот на Тачи, тој во Минск отпатува на покана на шефот на Конференцијата, Вофганг Ишингер.

Според соопштението, станува збор за настан од високо ниво кој ги собира главните регинални протагонисти, шефови на држави и на меѓународни организации, министри, пратеници, претставници на граѓанскиот сектор и новинари. Меѓу пријавените учесници е и министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров.

Тачи утре ќе се обрати на панел-дискусија, заедно со претседателката на Владата на Србија Ана Брнабиќ и со министерот за надворешни работи на Белорусија Владимир Макеи.

– Претседателот Тачи ќе зборува и за напорите за градење опстоен мир и за јакнење на евроатлантската перспектива на Косово и регионот, се вели во соопштението.

Темите за кои ќе се расправа во рамките на Минхенската конференција се енергетската безбедност, транснационалната безбедност, разузнавањето, Процесот од Минск, односите Исток-Запад, контролата на вооружувањето, градењето доверба и регионалните конфликти.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 19:59