Министрите за одбрана на Австрија и Хрватска, Марио Кунасек и Дамир Крстичевиќ денеска во Виена договорија интензивирање на воената соработка поради растечкиот мигрантски притисок.

Конкретно, како што е соопштено, договорено е Австрија да отвори канцеларија за воено аташе во Загреб.

– Постои потреба воената соработка со Хрватска да ја подигнеме на ново ниво, истакна Кунасек, наведувајќи дека Хрватска е важен и сигурен партнер на Австрија.

Идната година двете министерства ќе имаат 40 заеднички активности.

Кунасек ја повтори приврзаноста на Австрија на својот ангажман во мисиите на КФОР на Косово и ЕУФОР во БиХ и побара истовремено јакнење на националните воени сили на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција во постоечката европска безбедносна архитектура.

Тој нагласи дека земјите од Западен Балкан може да учествуваат во заедничката вежба за заштита на границата на Централно европската одбранбена соработка идната година во Унгарија.

– Поради растечкиот притисок на мигрантите многу е важно на нашите партнери да им приоѓаме рамноправно, порача Кунасек.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 23:11