Убиството на етничкиот Грк, Константинос Кацифас на албанско-грчката граница од страна на припадниците на албанската специјална единица „Ренеа“, предизвика заладување на односите меѓу Атина и Тирана, јави дописникот на МИА.

Албанската амбасадорка во Атина, Адријана Хобдари, која вчера попладне била повикана во грчкото Министерството за надворешни работи, за албанските медиуми изјави дека на средбата и бил соопштен ставот на Грција во врска со инцидентот, кој пак таа го проследила до албанското Министерство.

– Беше една обична дипломатска средба на која ги изнесовме своите ставови за инцидентот. Ставот на грчката страна го пренесов во Тирана, изјави амбасадорката наспроти инфомациите дека средбата минала во тензична атмосфера со висок тон.

Двете страни кога станува збор за убиениот Кацифас (35) имаат сосема спротивни ставови, албанската дека тој е екстремист и терорист а грчката дека е обичен граѓанин.

Албанските медиуми го нарекуваат грчки есктремист со радикални убедувања, кој бил припадник на специјалните грчки армиски трупи.

Кацифас (35), албански Грк кој имал и грчко државјанство, според Тирана, ги повикувал Грците кои живеат главно во јужиот дел на Албанија на „ослободување“ на овој дел, кој Грците го нарекуваат Северен Епир.

Албанскиот историчар Арбен Лала тврди дека убиениот е дел од тајната милиција на организацијата за ослободување на Северен Епир.

– Гркот кој е убиен на граница е дел од тајната милиција на организацијата за автономија на Северен Епир. Добро би било полицијата на Албанија да упати барање до безбедносните органи на Грција со кое ќе побара информации кои ги поседуваат за него. Грција располага со документ за тоа, изјави Лала.

Според него, на својот Фејсбук профил Кацифас имал објавено знаме на Северен Епир и пишувала „Слобода за Северен Епир: Слободата не се дарува, туку се добива со војна“.

Вангел Дуле, лидер на Партијата за заштита на човековите права, партија на грчкото малцинство во Албанија, по посетата на семејството на убиениот, изјави дека вината лежи кај абанските безбедносни сили.

Тој смета дека е неопходна заедничка грчко-албанска комисија која ќе го испитува случајот, а на обдукцијата на Кацифас да приуствува и грчки лекар.

Идентично барање до надлежните во градот Ѓирокастро доставиле и неговите родителите, во кое наведуваат дека нема да го подигнат телото на синот доколку на обукцијата не присуствува и лекар од Грција.

Албанската телевизија „Репорт ТВ“ денеска објави видео за кое се тврди дека е снимено од еден објект. Низ прозорецот се гледа Кацифас со „калашников“ во рацете, а се слушаат и истрели.

Според албанската страна, Кацифас со „калашников“ пукал кон албански полицајци што сакале да го тргнат грчкото знаме поставено на воените гробишта кај селото Буларат, недалеку од границата со Грција, при што во престрелката бил убиен.

Кацифас бил разведен и имал 13-годишна ќерка. Неговите две сестри подолг период живеат во Грција.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2018 00:04