Рибарите од Газа кои работат под израелска блокада, со цел да ја обезбедат егзистенцијата на своите семејства, покрај потешкотиите што ги наложува самата професија, од друга страна, изложени се на куршумите и малтретирањата од страна на израелските сили.
Околу 2 милиона Палестинци што живеат во Појасот Газа, од 2006 година наваму, од копно, воздух и море се наоѓаат под блокада на Израел. Според Договорот од Осло, Палестинците, без да бидат изложени на каква било интервенција, имаат право слободно да се движат на отворено море до 20 милји од брегот на Појасот Газа.
Меѓутоа, Израел им дозволува на палестинските рибари да ловат на оддалеченост до 6 милји, а понекогаш просторот за риболов го намалува до 3 милји. Тоа не им е доволно на израелските сили, па често, под тврдење дека ја минале дозволената оддалеченост од брегот, отвораат оган врз рибарите, ги приведуваат или пак им ги одземаат кајчињата и бротчињата.
Рибарите кои се обидуваат да заработат за парче леб, покрај тоа што во зимскиот период остануваат подолг период во лов и работат во отежнати услови поради ниските температури, во исто време се соочуваат и со ризик по нивниот живот.
Рибарите долго време се наоѓаат во лов, запловувајќи во попладневните часови, и се враќаат рано наутро. Во зимските месеци, ладниот воздух во голема мерка им ја отежнува работата. Палестинските рибари велат дека ладниот воздух им навлегува до коските, што е причина за болки во ’рбетот и зглобовите.
Покрај тоа, рибарите истакнуваат дека нападите што израелските поморски сили ги изведуваат врз нив, им претставуваат дополнителна потешкотија.
Оние кои заработуваат од морето
Палестинецот Ахмед ен-Неда (68), кој долги години се занимавал со рибарство, а сега поради годините го оставил ловот и се повлекол на брегот, рече дека низа години својата егзистенција ја остварувал од морето.
Неда, чие 50-годишно искуство во рибарството може да му се прочита од брчките на лицето и испуканите раце, за АА изјави дека неговото риболовно искуство е исполнето со опасности поврзани со природните услови и нападите од страна на израелските војници.
Неда рече дека кајчето и сето останато поврзано со риболовот, им го препуштил на своите синови и сега само ги плете рибарските мрежи на брегот и им го предава своето долгогодишно искуство на своите наследници.
Тој, меѓу другото, изјави и дека голем број моменти од времето кога се занимавал со риболов се запишани во неговите сеќавања, истакнувајќи дека сеќавањата за нападите на израелските војници се еден дел од нив.
Нагласувајќи дека рибарите често се среќаваат со малтретирања од страна на Израел, Неда посведочи дека и самиот е една од жртвите на таквите напади, додавајќи дека една дождлива вечер кога излегол на риболов и бил пресретнат од израелски војници со борбен чамец, е еден од лошите спомени кои му се случиле.
Палестинскиот рибар рече дека таа вечер израелските војници врз него отвориле оган како дожд, и помислил дека ќе умре.
Израелските војници престанале да пукаат, но неговиот чамец бил оштетен, по што потонал. Рече дека животот му го спасил друг рибар Палестинец кој го извлекол од морето.
Понатаму, кажа дека од тој напад се извлекол без повреди, но при потонувањето на кајчето, ја загубил сета рибарска опрема.
И покрај сите негови страдања, не ја остава професијата
Џемал Мухамед (60) изјави дека од својата 15-годишна возраст се занимава со рибарство, и додаде дека неговата професија претставува голем дел од неговиот живот.
Мухамед истакна дека рибарството претставува тешка професија и е причина за болки во неговото тело, но додаде дека нема да ја остави својата професија, иако има големи болки кога излегува во лов.
Посочувајќи дека израелските куршуми се еден од факторите што ја отежнуваат работата, Мухамед изјави дека и покрај возраста и постоечките проблеми, со цел да обезбеди егистенција, продолжува да рибари.
Истакнувајќи дека ловот е единствениот извор за егзистенција на рибарските семејства, Мухамед рече дека и покрај тоа што неговите три сина дипломирале, не можат да најдат работа во Газа.
Егзистенцијата на 50.000 лица е поврзана со рибарството
Според податоците на Синдикатот на риболовци, во подрачјето има околу 4.000 рибари, кои обезбедуваат егзистенција за околу 50.000 лица.
Според Договорот од Осло, потпишан од страна на Палестинската ослободителна органзиација (ПЛО) и Израел во 1993 година, Палестинците, без да бидат изложени на каква било интервенција од страна на Израел, можат да запловат до 20 милји од брегот на Појасот Газа, но израелските власти го попречуваат ова право на палестинските рибари.
Анадолија – на македонски јазик