Грчката амбасадорка во Тирана, Елени Сурани попладнево е повикана во албанското Министерство за Европа и за надворешни работи, во врска со инцидентот во селото Бралат, кај Ѓирокастро.

Според Министерството, на амбасадорката и била соопштена јасната позиција на албанските власти за тоа кој треба да го истражува овој настан.

– На амбасадорката Сурани и беше кажано дека за тешкиот настан истрага врши албанското обвинителство. Оваа институција е единствен авторитет кој, врз основа на Уставот и албанскиот кривичен законик, врши независна истрага за секој вид дело што се случува на територијата на Република Албанија, се наведува во соопштенето од албанското министерство.

Министерството побарало „воздржаност и непридавање политички или дипломатски бои на ова прашање. Во исто време гарантирало дека Албанија е безбедна и мирна земја за сите свои граѓани, вклучувајќи ги тука и оние од грчка етничка прпадност“.

Претходно, дописникот на тиранската телевизија Ора њуз од Атина јави дека сестрата на убиениот Константинос Кацифас(35) поднела пријава во Обвинителството по што е предадена до Обвинителството во Атина за натамошна постапка. Семејството бара истрага за убиството да води грчкото обвинителство.

Кацифас, албански Грк со грчко државјанство, беше застрелан во престрелката со полицијата кај Бралат од страна на припадниците на специјалната единица „Ренеа“.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2018 02:04