Белгиските весници ДХ и ХЛН откриваат нови елементи од истрагата за наместените фудбалски натпревари во Белгија, во кои се вмешани српски и македонски граѓани.

Новинарите откриваат детали од прислушкувани телефонски разговори на агентот Дејан Вељковиќ со двајца судии, Барт Вертентен и Себастиен Делфериер. Од разговорите излегува дека Вељковиќ ги корумпирал судиите, пишуваат весниците утринава.

Неколку дена пред да суди натпревар помеѓу Антверп и Еупен, Вељковиќ телефонски му порачува на Вертентен дека „најважното е Антверпен да победи“. Според новинарите на тој натпреват судијата свирнал „непостоечки“ пенал, по што, според прислушкуваните разговори, Вељковиќ им се пофалил телефонски за овој потег на Тјери Стеманс и играчот Матс Ритс.

За време на друг натпревар, против Шарлероа, повторно Вељковиќ на телефон со Стеманс вели дека „Вертентен добро разбра што треба да прави“.

Од разговорите не може да се дознае колкав надомест добил судијата, пишуваат весниците, но „јасно е дека двајцата се многу блиски“.

Во разговор во февруари годинава, Вељковиќ исто така му се пофалил на тренерот на Бриж, Иван Леко, дека „Вертентен е под контрола“.

Што се однесува до другиот судија, Делфериер, разговорите откриваат дека тој му ветил на Вељковиќ дека нема да суспендира еден од неговите играчи, Софиан Хани иако тој требал да биде санкциониран поради напад во натпревар против Стандард.

Префрлени се десет илјади евра на сметката на судијата, но Вељковиќ тврди дека станува збор за заем. Сепак, разговорите откриваат дека тоа всушност било „подарок“ за фудбалската школа на Делфериер.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2018 10:09