Австрија го поддржува Договорот од Преспа и се надева на целосна имплементација што е важна за целиот регион, вели министерката за надворешни работи на Австрија, Карин Кнасел во интервју за „Катимерини“.

-Јасно мнозинство пратеници во Скопје ја одбра иднината, а не минатото, со важен чекор во насока на ревизија на Уставот, предвидена од Договорот од Преспа. Оптимист сум дека Скопје ќе го искористи овој прозорец на можност и ќе продолжи по патот за интеграција во ЕУ, вели министерката за надворешни работи на Австрија во интервјуто за „Катимерини“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на тоа дали евентуалното останување надвор од НАТО за Македонија, би значело и зголемено влијание на трети сили, Кнасел вели дека одлуката за безбедноста му припаѓа на Скопје, но секоја празнина може да донесе влијанија.

-Скопје има суверено право да одлучува за безбедноста на земјата. Било која празнина оставена во безбедносната структура на земјата и во односите со нејзините непосредни соседи ја зголемуваат веројатноста за влијание од трети фактори што доаѓаат вон Европа, вели Кнасел за „Катимерини“.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2018 14:13