Данска се консултира со своите европски партнери дали да воведе санкции кон Техеран, кој, според Копенхаген, планирал операции на данска територија против иранската опозиција.

– Ние ќе контактираме со нашите европски сојузници за да можеме да преземеме заедничка акција, изјави данскиот премиер Ларс Локе Расмусен на маргините на состанокот на лидерите на земјите од Северна Европа, што се одржа во Осло.

Тој се сретна и со британската премиерка Тереза Мај, која ја изрази својата поддршка на Данска за овој случај.

Се очекува данскиот министер за надворешни работи Андерс Самуелсен да започне разговори со европските колеги за да ја разгледаат можноста за санкции кон Иран, најверојатно економски, прецизира дипломатски претставник.

Според данските разузнавачки служби, на 21 октомври беше уапсен најмалку еден ирански разузнавач, кој планирал убиство на тројца членови на организацијата Движење на арапската борба за ослободување на Ахваз, кои живеат во Данска. Тие се предмет на полициска истрага по нападот на воената парада во иранскиот град Ахваз на 22 септември, при што загинаа најмалку 24 лица. Техеран верува дека тој бил организиран од движењето и спроведе неколку операции во Ирак и Сирија.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера на Твитер и честиташе на Данска за апсењето на „убиецот на иранскиот режим“.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2018 19:00