Собранието на Косово не ја усвои резолуцијата предложена од опозицијата, со која требаше да му се забранува на косовскиот претседател Хашим Тачи во преговорите со Србија да разговара за размена на територии, односно промена на границата, јави дописникот на МИА од Приштина.

По координацијата на шефовите на пратеничките групи, во име на пратениците од владејачката коалиција, координаторот на пратеничката група на Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи објави дека не успеале да ги усогласат ставовите со опозицијата и затоа нема да гласаат.

По ова, за резолуцијата гласаа 50 пратеници од 120-члениот косовски Парламент, што не беше доволно таа да биде усвоена.

Владејачките партии се спротивставија на предлогот на опозицијата резолуцијата да содржи само една точка, која гласи: „Собранието на Република Косово повторно нагласува дека Уставот на Република Косово, државниот суверенитет, територијалниот интегритет и унитарниот карактер на Република Косово се неповредливи. Ниту претседателот, ниту кој било друг нема мандат да преговара за територијата на Република Косово“.

Дебатата за дијалогот со Србија, започната вчера, изобилуваше со меѓусебни обвинувања, напади, па и лични навреди меѓу пратениците од власта и опозицијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2018 13:44